Главна секција Спасовски: Груевски последен пат користел обезбедување во четвртокот

Спасовски: Груевски последен пат користел обезбедување во четвртокот

Во четвртокот Никола Груевски последен пат го повикал  обезбедувањето кое му следува како поранешен премиер на земјата, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој појасни дека иако на Груевски му следува обезбедување, екипата доаѓа на повик, а не е постојано со него.

– Според изјавите на обезбедувањето, последен пат тие го обезбедувале на 8 ноември кога го однеле до дома околу 23 часот – објасни Спасовски.

Тој изјави и дека не се чувствува виновен за бегството на поранешниот премиер и не размислува за оставка. Смета дека за тоа е одговорна судската власт.

– Одговорноста барајте ја кај судиите кои не одредиле мерка притвор за човек кој е осомничен за повеќе кривични дела – рече Спасовски, појаснувајќи дека полицијата работи врз основа на судски наредби.