Македонија Спасов: Решението што го објави Ременски не е конечно и правосилно

Спасов: Решението што го објави Ременски не е конечно и правосилно

Дополнителниот заменик-министер Диме Спасов реагираше на прес-конференцијата на министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски. Во реакцијата на Спасов се вели дека решението од Управниот суд што денеска го објави министерката, со кое се отфрла тужбата на Спасов, не е конечно и правосилно бидејќи не е завршена судската постапка.

Спасов најави дека ќе поднесе жалба до Вишиот управен суд.

– Ова решение на Управниот суд воопшто не е правосилно, односно судската постапка не е завршена и ќе биде поднесена жалба до Вишиот управен суд – се наведува во писмената реакција на Спасов.

Според него, Ременски со денешната прес-конференција покажала страв и паника од последиците со кои се соочува од своето, како што наведува, незаконско работење, и лажен триумфализам и затскривање зад нецелосни информации, поради нејзиното несовесно и незаконско работење и грубото партизирање на институциите.

„Управниот суд донесе уште пет решенија за привремена мерка кои сè уште не се правосилни бидејќи Ременски има право на жалба. И покрај тоа што некои од решенијата за привремени мерки се веќе правосилни судски одлуки, техничката министерка не ги извршува овие судски одлуки, при што постапува спротивно на законот и свесно врши повеќе кривични дела“, пишува во писмената реакција од Спасов.

Во реакцијата се вели и дека против Ременски е поднесена и кривична пријава за кривично дело неизвршување на судска одлука, како и кривична пријава за незаконско работење и за злоупотреба на службена должност затоа што назначила директор кој не ги исполнува условите во согласност со статутот на институциите.