Свет Советот за безбедност ја продолжи мисијата на ОН во Авганистан

Советот за безбедност ја продолжи мисијата на ОН во Авганистан

Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа едногласно ја донесе резолуцијата со која се продолжува мисијата на ОН во Авганистан (УНАМА) до март 2018 година.

Во неа, како што пренесуваат светските медиуми, се изразува сериозна загриженост поради присуството и потенцијалното зајакнување на разгранокот на Исламска држава, што претставува сериозна закана за безбедноста на Авганистан и на земјите во регионот.

Советот за безбедност на ОН ја повика владата на Авганистан да почне да ги решава алармантните закани, кои доаѓаат од талибанците, Ал каеда и од нејзините разграноци и од други екстремистички групи.

Исто така, Советот за безбедност ја повтори поддршката за авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили, особено во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

Според податоците на ОН, минатата година во Авганистан се убиени 3.498 лица, вклучувајќи 923 деца, а уште 7.920 лица се ранети.