Македонија „Социетас цивилис“: Потребна е јавна дебата за Законот за јазиците

„Социетас цивилис“: Потребна е јавна дебата за Законот за јазиците

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ ја повика Владата Законот за употреба на јазиците да се даде на мислење на Венецијанската комисија и нејзините забелешки да се вградат во текстот на законот како што е предвидено во планот „3-6-9“.

„Потсетуваме дека од 2001 година, Уставот на Република Македонија предвидува употреба на албанскиот јазик на централно ниво, во јасно одредени сфери на употреба. Сметаме дека е особено важно државата да посвети внимание на имплементацијата на јазичните права и сметаме дека овој закон треба да ја има таа функција. Воедно, укажуваме и дека при носење на законот е потребна поголема транспарентност и јавна дебата, принципи за кои јасно се залага оваа Влада и Собранието“, велат од „Социетас цивилис“.

Оттаму апелираат до пратениците во Собранието да ја искористат можноста за повторно разгледување на законот и да ги отстранат евентуалните недостатоци со вклучување на стручната јавност во дискусијата, со што „воедно ќе се намали и можноста за манипулација со јавноста“.