Македонија Сослушани четворица заштитени сведоци на рочиштето за „Диво Насеље“

Сослушани четворица заштитени сведоци на рочиштето за „Диво Насеље“

На денешното рочиште од продолжението на судскиот процес за настаните во Диво Насеље од 9 и од 10 мај минатата година, сведочеа четворица припадници на полицијата кои беа ранети во борбите со терористичката група во Куманово.

Рочиштето, како и претходните, две се одржа зад затворени врати, односно јавноста беше исклучена, бидејќи овие сведоци се во својство на оштетени, а и професијата бара нивниот идентитет да биде непознат за јавноста, поради што го имаат статусот на заштитени сведоци.

Според Обвиителството за организиран криминал и корупција, вкупниот број на полициски службеници што треба да сведочат е 42. Досега исказ пред судот дадоа деветмина.

Од судот велат дека истата динамика на сослушување на заштитените сведоци ќе продолжи и на наредните рочишта.

За настаните во Диво Насеље се обвинети 29 лица, од кои дел се косовски државјани, кои се товарат за кривичните дела тероризам и терористичка организација.

Во борбите во Диво Насеље загинаа осум припадници на специјалните полициски сили, а 37 беа ранети. Во акцијата на полицијата беа убиени и 10 припадници на вооружената група.