Главна секција СОС сака да го оцрни граѓанското општество со невистини и со манипулации

СОС сака да го оцрни граѓанското општество со невистини и со манипулации

Јавно извинување и повлекување на сите лаги, клевети и дезинформации изнесени од „Стоп операција Сорос“ (СОС), побара 21 граѓанска организација денеска на прес-конференција.

Доколку не добијат јавно извинување, тие велат дека ќе бидат принудени правдата да ја бараат на суд, односно ќе поднесат тужби за клевета и за навреда.

– На СОС и на неговите налогодавци очигледно им пречат слободното и независно граѓанско општество, слободата на изразување и, воопшто, сите демократски вредности и принципи. Затоа тие во јавноста пласираат невистини, манипулативни податоци и лажни информации, со намера да го замолчат граѓанското општество – вели програмскиот директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Филип Стојановски.

Од граѓанските организации истакнаа дека е клевата и лага дека тие работеле да ја дестабилизираат државата, дека предизвикувале криза, дека работеле за партиски цели, дека биле плаќани за да одат на протести и дека добивале милиони на нивните сметки за партиски цели.

– Упатуваме порака до сите државни институции што поседуваат информации за работењето на граѓанските организации да не ги надминуваат своите законски надлежности и да не се ставаат во служба на недемократската хајка против слободоумното граѓанско општество – рече Сања Богатиновска од Здружението на млади европски федералисти.

Граѓанските организации порачаа дека и понатаму ќе останат доследни на своите заложби за слобода, демократија, еднаквост, правда и почитување на човековите права.