Свет Балкан Солзавец и водени топови врз работниците на турскиот медиум „Заман“

Солзавец и водени топови врз работниците на турскиот медиум „Заман“

Полицијата подигна ограда и стражари пред најтиражниот турски весник „Заман“ во Истанбул, по што употребила солзавец и водени топови за да влезе во просториите и на сила да го спроведе судскиот налог за именување на нови администратори кои ќе го уредуваат весникот.

На овој начин турските власти сакаат да ја преземат контролата врз овој медиум кој го поддржува влијателниот противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Фетула Гулен кој се наоѓа во САД.

Стотина демонстранти се противат на оваа владина одлука и се собраа пред редакцијата на „Заман“, носејќи турски знамиња и пароли на кои пишува „Држете ги рацете подалеку од мојот весник“ како и „Слободните медиуми не можат да бидат замолчени“.

Полицијата ги растерала демонстрантите, по што ја срушила влезната врата и влегла во просториите за да ги заштити управниците кои ги именувал судот, а ги протерала работниците.

Со оваа судска постапка против „Заман“, ќе се намали бројот на опозициски медиуми во Турција каде што доминираат провладините медиуми и телевизиските канали.

„Заман“ е најтиражниот турски весник, а од почетокот на годината до крајот на февруари бил продаден во 650.000 примероци.