Македонија Собранието ја продолжи кризната состојба до јуни 2017 година

Собранието ја продолжи кризната состојба до јуни 2017 година

Собранието денеска го усвои предлогот на Владата и ја продолжи кризната состојба на јужната и на северната граница, поради мигрантската криза, до 30 јуни 2017 години.

Владата, како што беше наведено во предлогот за продолжување на кризната состојба, на 5 октомври го усвоила записникот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, во кој била наведена потребата ваквата состојба наместо до 31 декември годинава, да трае, односно да се продолжи до јуни следната година.

Продолжувањето на кризната состојба, според образложението, е за да се обезбеди „континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата на Република Македонија (АРМ) и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи (МВР), во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница, како и врз основа на извештајот за направена процена и сеопфатна анализа“.

Кризната состојба поради мигрантската криза беше воведена кон крајот на август минатата година, кога десетици илјади мигранти од подрачјата зафатени со војни на Блискиот Исток и во Северна Африка транзитираа низ територијата на земјава на пат кон западноевропските земји.

Собранието на барање на Владата неколкупати го продолжуваше траењето на кризната состојба. Претходно ваква одлука беше досена на 18 март годинава, со која вонредната состојба на јужната и на северната граница беше предвидено да трае до 31 декември 2016 година. Со денешното гласање во Собранието, таа е продолжена уште за шест месеци.