Македонија Собранието ја изгласа завршната сметка за буџетот за 2016 година

Собранието ја изгласа завршната сметка за буџетот за 2016 година

Собранието попладнево со 92 гласа „за“, без воздржани и против, ја донесe завршната сметка на буџетот за 2016 година.

Во текот на маратонската осма седница, пратениците од власта често ги немаше во салата, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата разменуваа реплики главно со своите сопартијци.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ велеа дека во времето на владата предводена од нивната партија се трошело домаќински, се зголемиле платите, пензиите и социјалната помош, а редовно биле исплатувани и субвенциите. Порачаа дека не смее да запре реализацијата на значајни инфраструктурни проекти, како што се автопатиштата и регионалните патишта, а реагираа и на намален буџет за образованието.

На денешната пленарна седница беше донесена одлука за разрешување на генералниот секретар на Собранието, Жарко Денковски. За нов генерален секретар на Собранието на Република Македонија е назначена Цветанка Иванова, правник и поранешен пратеник од СДСМ.

Претседателот на парламентот, Талат Џафери, попладнево ја прекина осмата седница, чие продолжение, како што рече, дополнително ќе биде закажано.

Собранието в понеделник треба да ја почне деветтата седница, на која ќе се расправа за ребалансот на буџетот за 2017 година.