Македонија Собранието го отфрли предлогот на ВМРО за укинување на техничката влада пред...

Собранието го отфрли предлогот на ВМРО за укинување на техничката влада пред избори

Фото: Министерство за правда

Со 55 гласа „против“ и 32 гласа „за“, Собранието денеска не го прифати предлогот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката влада на 100 дена пред одржувањето на парламентарните избори, која што беше договорена со Пржинскиот договор.

Владејачкото мнозинство во парламентот не го прифати предлогот на опозицијата, со кој во Законот за влада сакаа да се избрише изборот на преодна влада којшто е предвиден за периодот од 100 дена пред одржувањето на изборите. ВМРО-ДПМНЕ го поднесе ваквиот предлог на 24 јануари.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ по гласањето рекоа дека СДСМ се плашат од избори и со гласањето против укинувањето на техничката влада се обидуваат да избегнат одговорност за штетните политики и криминалите.

„Денес, СДСМ гласаше против укинувањето на таканаречената Пржинска влада и повторно го покажа на дело своето лицемерие. Иако во јавноста се изјаснуваа дека се согласуваат за укинување на Пржинската влада, денес на еден кукавички начин повторно избегаа од избори“, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска.

Oд владејачките партии СДСМ и ДУИ пак сметаат дека за укинувањето на техничката влада пред избори треба да има консензус на сите четири политички партии, кои со свои потписи ќе застанат зад предлогот.

Премиерот Димитар Ковачевски побара по ова прашање да се формираат работни групи, кои ќе го дефинираат начинот на кој ќе се укине техничката влада, која беше востановена за првпат на парламентарните избори во 2016 година.