Свет Европа Соборени четири борбени авиони на Русите во Украина викендов

Соборени четири борбени авиони на Русите во Украина викендов

Во меѓувреме, во руските напади во различни подрачја на судири, животите ги загубиле најмалку четиримина цивили, а најмалку 20 се повредени

Фото: ukrinform.net

Од петокот вечерта до утрово, Военото воздухопловство на украинските вооружени сили соборило четири борбени авиони на руските сили, јави украинската државна новинска агенција ukrinform.net.

Од нив, три се соборени од петокот вечерта до вчера претпладне, а утрово Украинците неутрализирале уште еден борбен авион. Во последниот случај, пилотот на погодениот руски авион го насочил леталото кон селото Антрацит во регионот Луханск, но за среќа нема загинати или повредени цивили. Сепак, претходно авионот убивал цивили, посведочиле жителите на селото Дјакове, соопшти шефот на Регионалната воена управа на Луханск на неговиот Телеграм-профил, пренесува украинската државна новинска агенција.

Станува збор за три руски авиони Су-34 (ловец-бомбардер) и еден Су-35 (ловец).

По таквите загуби, извесно време може да се очекува пауза во користењето на тактички летала од страна на Русите, но тие сепак нема да престанат да бомбардираат, бидејќи се чувствуваат супериорни во воздухот, порача утрово Наталија Хумењук, шеф на Заедничкиот прес-центар на украинската Оперативна команда Југ.

„Верувам дека извесно време ќе имаме пауза во користењето тактички летала. Русите ќе пресметуваат нови граници за летовите, пресметувајќи каде авионите би можеле да бидат погодени. Но Русите нема да престанат да бомбардираат, бидејќи се чувствуваат супериорни во воздухот“, рече Хумењук.

Таа нагласи дека сѐ додека Украина има модерни борбени авиони, непријателот ќе користи воздушна сила.

Во меѓувреме, во руските напади во различни подрачја на судири, животите ги загубиле најмалку четиримина цивили, а најмалку 20 се повредени.

Во однос на потребите од оружје на Украина, нов удар зададе Претставничкиот дом на Конгресот на САД, заминувајќи на одмор без да ја изгласа најновата транша од 60 милијарди долари од САД за Украина.

Откако Конгресот „дигна рачна“, Бајден порача дека ќе се бори за постојана помош за Украина