Дописници Со резолуција ќе се бара албанската влада да ги унапреди правата...

Со резолуција ќе се бара албанската влада да ги унапреди правата на македонското малцинство

Делегатите од 20 земји кои претставуваат повеќе од 30 малцинства во Европа, на 61. конгрес на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) во Вроцлав, едногласно, усвоија резолуција која ја испратија до владата на Албанија и до други институции, посветена на правата на македонското национално малцинство во оваа земја.

Поднесувачот, македонско друштво „Илинден“ од Тирана, соопшти дека документот за првпат е усвоен на еден меѓународен форум и од Албанија се бара да ја потпише и ратификува Повелбата на Советот на Европа за регионални и малцински јазици, работа што албанската држава на нејасен начин и неодговорно ја одложува со години.

Потоа, се бара прзнавање на македонското национално малциство на цела територија на Албанија, односно овозможување на припадниците на македонското национално малцинство во Голо Брдо и Гора да ги уживаат сите права што им припаѓаат на другите малцинствата, следствено како во Мала Преспа.

Во резолуцијата се бара учење на мајчин македонски јазик во државните училишта во овие области, како и на цела територија на Албанија каде што има значаен број на жители од македонско национално малцинство.