Македонија Со нова алатка ќе се следи колку капитални инвестиции се реализирани

Со нова алатка ќе се следи колку капитални инвестиции се реализирани

Министерството за финансии од денеска ја направи достапна алатката http://kapitalni-rashodi.finance.gov.mk/, со која граѓаните ќе можат да следат колку институциите ги реализираат капиталните инвестиции што ги ветиле на самиот почеток од годината.

Како што информираат од ова министерство, јавноста ќе може да ја следи реализацијата на капиталните инвестиции за секое министерство, дирекција, агенција, односно секој буџетски корисник одделно, и преку тоа да влијае на институциите да го подобрат извршувањето.

На веб – страница на Министерството за финансии е објавена нова алатка за транспарентност, која покажува колку од капиталните расходи предвидени со Буџетот секоја институција има реализирано досега, и тоа како процент од планираното и како апсолутен износ, но и колку до крајот на годината треба да се реализира.

Министерката за финансии Нина Ангеловска неодамна ја најави оваа алатка, во насока на зајакнување на транспарентноста и на дисциплината на институциите да ги реализираат проектите кои ги најавиле при кроење на буџетот.

– Во дигиталната ера имаме широк простор за подобрување на фискалната транспарентност. Освен отченоста кон јавноста за трошењето на државните пари, фискалната транспарентност има улога и на коректор. Имено, ако јавноста лоцира дека одредена институција има помала реализација на капиталните инвестиции од очекуваното, преку јавното мислење ќе може да влијае на таа институција да го подобри перформансот – вели Ангеловска.

Алатката која ја покажува реализацијата на капитални инвестиции по институција на веб – страница на Министерството за финансии ќе објавува нови податоци на месечно ниво. Во моментов, алатката ја покажува реализацијата на капиталните инвестиции во државниот буџет заклучно со 30 септември годинава.