Свет Балкан Словенечкото обвинителство поднесе тужба против Јанша и бара да му се одземат...

Словенечкото обвинителство поднесе тужба против Јанша и бара да му се одземат 400.000 евра

Словенечкото Специјално државно обвинителство поднесе тужба против лидерот на опозицијата, Јанез Јанша, и побара да му се одземе незаконски стекнатиот имот во вредност од 400.000 евра, јавија словенечките медиуми.

Во соопштението на обвинителството не се наведува идентитетот на Јанша, но весникот „Дело“ наведува дека нема сомнежи дека станува збор за претседателот на Словенечката демократска партија (СДП), пратеник во парламентот и некогашен премиер.

Тужбата е поднесена по финансиската истрага почната во 2013 година, во која се испитувало потеклото на имотот на Јанша, на неговата сопруга Уршка, нејзината роднина Наташа Пајенк, која управувала со нивните сметки, неговиот брат Рајко Јанша и на некогашниот секретар на партијата, Јоже Загожен, кој во меѓувреме почина.

Обвинителството одлучило да го тужи Јанша, кај кого во период за кој се однесува истрагата, од 2010 до 2013 година, е утврдена разлика меѓу пријавениот и стекнатиот имот во финансиски средства и во недвижности од 395.388 евра.