Економија Скопски Водовод демантира: Цената за вода во Скопје нема да се зголеми

Скопски Водовод демантира: Цената за вода во Скопје нема да се зголеми

Фото: Ванчо Џамбаски

ЈП Водовод и канализација Скопје ја демантира веста дека е можно да се зголеми цената на водата во Скопје.

„Во согласност со Законот за утврдување цени на водните услуги се доставува известување за зголемените трошоци на претпријатието по основ на електрична енергија и енергенси во форма на барање за утврдување на тарифите за водните услуги, барање кое е доставено во 2022 година. Околу евентуалната промена на цената на водните услуги надлежни се Регулаторна комисија за енергетика и Советот на Град Скопје како основач на претпријатието, при што ЈП Водовод и канализација – Скопје ниту донело нови тарифи, ниту истото го има побарано од Советот на Град Скопје“, стои во соопштението.

Оттаму потенцираат дека ЈП Водовод и канализација – Скопје не побарало зголемување на цената на водата во Скопје, ниту е тоа во план на претпријатието во тековната година.

Претходно, на својот официјален профил на Фејсбук, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, напиша дека ЈП Водовод и Канализација доставиле барање во кое побарале зголемување од 30 денари во просек на сметките на месечно ниво.

„РКЕ по направените анализи даде предлог цена што на крајните сметките ќе значи зголемување од 7 денари. Советот треба да донесе конечна одлука“, објави Бислимоски.