Свет Скандалозната „Кембриџ аналитика“ прогласи банкрот

Скандалозната „Кембриџ аналитика“ прогласи банкрот

Британската интернет-аналитичка компанија „Кембриџ аналитика“, којашто се најде во центарот на скандалот поради злоупотребата на личните податоци на над 80 милиони корисници на „Фејсбук“ во политички кампањи, соопшти дека прогласува банкрот.

„Кембриџ аналитика“ има седиште во Велика Британија, а синоќа челниците на компанијата им соопштиле на вработените да ги вратат своите картички и компјутерите, затоа што компанијата престанува со работа.

Првите луѓе на компанијата за британските медиуми изјавиле дека после скандалот кој што изби околу „Фејсбук“, „Кембриџ аналитика“ ги загубила сите големи клиенти, по што компанијата морала да прогласи банкрот.

Портпаролката на компанијата, Кларенс Мичел за „Би-би-си“ изјавила дека таа компанија во последните месеци била на мета на бројни неосновани обвинувања и покрај сите обиди да ги исправи работите. Според Мичел, активностите на „Кембриџ аналитика“ не само што не биле илегални, туку тие биле широко распространети во онлајн огласувањето како и во политичките активности.