Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска го објави вториот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано пред точно една година.
Извештајот, кој е на 16 страници, е поделен на шест глави, во кои се наведени детали за финансиското и за кадровското работење на СЈО во изминатите шест месеци, бројот на отворени предистражни и истражни постапки, двете поднесени обвиненија, преселувањето во новите простории на улицата Франклин Рузвелт, соработката со другите државни органи, која, како што стои во извештајот, сè уште е отежната и за другите предизвици со кои се соочуваат Јанева и нејзиниот тим.
„Наведениот временски период го карактеризира зголемена административна и оперативна активност, со проширено предметно постапување, позачестена соработка со други државни органи, покооперативна соработка со меѓународни институции, како и поинтензивна комуникација со домашната и со меѓународната јавност. Станува збор за континуитет во работата на ова јавно обвинителство, за зголемување на бројот на предистражните и на истражните дејства и на опфатот на инволвираните лица во тие дејства, за подобрување на стручниот капацитет на истражувачките тимови, како и за стручно и похрабро спротиставување на опструкцијата на работата на ова јавно обвинителство, за пораст на оптимизмот кај обвинителскиот тим, за поквалитетно извршување на поставените задачи и за зголемувањето на довербата на ова јавно обвинителство во очите на домашната и на меѓународната јавност“, стои во извештајот.
Јанева, исто така, вели дека во наредниот период очекува во целост да се нормализира соработката со институциите и со органите во земјата за да се овозможи непречена и ефикасна работа на Јавното обвинителство, што е во интерес на правдата и на сите граѓани.
Извештајот денеска ќе им биде доставен на Советот на јавни обвинители и на Собранието на Република Македонија, а специјаланата обвинителка изрази подготвеност и лично да се појави и да го претстави во овие две институции.