Подглавна секција Сириски медиуми: Израел изврши воздушни напади врз аеродромите во Дамаск и во...

Сириски медиуми: Израел изврши воздушни напади врз аеродромите во Дамаск и во Алепо

Државната новинска агенција САНА цитирала неименуван воен функционер кој рекол дека во нападите нема повредени

Извор на фотографија: Igor Bubin - Gallery page http://www.airliners.net/photo//2190526/LPhoto http://cdn-www.airliners.net/aviation-photos/photos/6/2/5/2190526.jpg, GFDL 1.2, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=27381275

Сириските државни медиуми објавија дека израелските воздушни напади попладнево ги погодиле меѓународните аеродроми на сирискиот главен град Дамаск и северниот град Алепо. Пистите се оштетени и исклучени од сообраќај, јави новинската агенција Асошиејтед прес. 

Државната новинска агенција САНА цитирала неименуван воен функционер кој рекол дека во нападите нема повредени. Израелската војска одби да коментира во однос на нападите, јавува АП.

Ова се први израелски напади врз Сирија откако милитантната палестинска група Хамас ги изврши нападите во јужен Израел. Воздушните напади се случија еден ден пред иранскиот министер за надворешни работи да ја посети Сирија.

Израел ги погоди аеродромите и поморските пристаништа во деловите на Сирија кои се под контрола на Владата, во очигледен обид да спречи испорака на оружје од Иран за милитантните групи поддржани од Техеран, вклучително и либанскиот Хезболах, пишува АП.

Израел и досега има изведено стотици напади во деловите на Сирија кои се под контрола на владата, вклучително и напади врз аеродромите во Дамаск и Алепо, но ретко ја презема одговорноста за тоа.