Култура „Синедејс“: „Тир“ најдобар филм во официјалната, „Исцелување“ во селекцијата „Синебалкан“

„Синедејс“: „Тир“ најдобар филм во официјалната, „Исцелување“ во селекцијата „Синебалкан“

Годинешното издание на фестивалот беше затворено со концерт на филмска музика во изведба на Македонската филхармонија

Италијанско-хрватскиот копродукциски филм „Тир“, на режисерот Алберто Фасуло, е прогласен за најдобар во официјалната селекција на 13. „Синедејс“.

Одлуката ја донесоа тројцата членови на жирито, Кристин Долхофер, Едоардо Винспеаре и Лидија Мело, кои вчеравечер во киното „Милениум“ ги соопштија наградените на годинешното издание на фестивалот за европски филм.

За најдобар режисер во официјалната селекција е награден Шавкат Амин Корки за ирачко-германската копродукција „Спомени во камен“, а за најдобро сценарио награда доби грузиско-украинскиот „Состаноци на слепо“ на режисерот Леван Когуашвили.

Српскиот филм „Исцелување“ на режисерот Иван Јовиќ, е прогласен за најдобар во селекцијата „Синебалкан“, а специјални признанија добија „Бота“, кој е копродукција на Албанија, Италија и на Косово и хрватскиот „Вис-а-Вис“.

Жирито за програмата „Синебалкан“ го сочинуваа Нана Ѓорѓадзе, Ник Холдсворт и Паоло Спина. Селектор на десетте филма во официјалната селекција и на петте во „Синебалкан“ беше Бернд Будер.

Наградата за најдобра филмска критика која „Синедејс“ ја доделува од минатата година на конкурс, ја добија двајца: Ана Поп-Стефанија за рецензијата на филмот „Песната на мајка ми“ и Васко Маглешов за рецензија на „Шумите се сè уште зелени“.

Членовите на жирито кое го дедели ова признание, сугерираа во иднина да има прва, втора и трета награда за филмска критика, а поради големиот одѕив на конкурсот и квалитетните критики, да се издава специјално списание за филм.

Годинешното издание на фестивалот беше затворено со концерт на оркестарот на Македонската филхармонија, која на сцената на „Милениум“ изведе музика од познати филмски наслови.

Организаторот на „Синедејс“ го посвети концертот на сликарот Милош Коџоман кој почина во петокот, по кратко боледување.