Економија Синдикатите се закануваат со штрајк, ако не се усвои минимална плата од...

Синдикатите се закануваат со штрајк, ако не се усвои минимална плата од 18.000 денари

фото: Порталб.мк

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска побара Владата да го поддржи предлогот за минималната плата од 18.000 денари и да го стави на гласање на Економско социјалниот совет. Синдикатите најавија дека доколку не се усвои ова решение, ќе организираат штрајк и блокади на фабрики, економски зони и патишта. Одлука за висината на минималната плата се уште не е донесена, откако на последната средба во Владата не беше постигнат договор меѓу барањето на синдикатитеи предлогот на работодавачите да се субвенционира зголемувањето на минималната плата.

„ ССМ во четврток ќе излезе пред Собранието, доколку и понатаму нема решение за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на останатите плати, почнуваме со штрајк – блокади на фабрики, слободни економски зони, институции, патишта и итн. Виновни што немаме минимална плата од 18.000 денари се работодавачите. На Владата и порачуваме одлучно да застане на страната на работниците и да го стави предлогот на ССМ на гласање на ЕСС и истиот да го поддржи“, се вели во соопштението на ССМ.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска на социјалните медиуми напиша дека Владата е на страната на работниците и дека покачувањето на минималната плата ќе биде исполнето.

„Отворениот социјален дијалог со сите засегнати страни е она кое ќе не одведе до најсоодветното решение кое е во интерес на работниците. Очекувам уште утре да имаме решение за покачување на минималната плата. Како што ветив, ефикасно ќе ги решаваме сите прашања во интерес на граѓаните и ќе ги исполнуваме ветувањата. Тоа е принципот и духот во кој ќе се решаваат сите прашања кои целат кон подигање на животниот стандард на граѓаните“, пишува Ковачевски.