Економија Штип може да почне со изградба на мрежата за гасификација во септември

Штип може да почне со изградба на мрежата за гасификација во септември

Кон средината на септември, Општината Штип очекува да ги добие основниот и инфраструктурниот проект за почетокот на гасификацијата. Општината чека одговор од Владата по кој модел ќе се гасифицира градот. Дали ќе треба да влезе со сопствени средства, што би бил побавен процес, преку јавно приватно-партнерство или Владата ќе издвои средства.

Градоначалникот Благој Бочварски вели дека, Штип со завршувањето на проектите идниот месец може да влезе во практична реализација на гасификацијата. Се работи за 20 километарска секундарна мрежа.

-Проектите се во финална фаза – зборувам за основниот проект и инфраструктурниот проект. Идејниот проект е готов. Очекувам од Владата поддршка за гасификацијата, за да можеме побрзо и поефикасно да влеземе во гасифицирањто, да ги намалиме трошоци на компаниите,  на општинските институции и овде секоја поддршка ќе ни биде добредојдена – изјави Бочварски.

Идејата за јавно приватно партнерство беше промовирана пред неколку години, кога имаше и заинтересирана компанија да влезе во партнерство со Општината Штип.

Како што е предвидено, во првата фаза ќе се гасифицираат компаниите и објектите на влезот од градот во индустриската зона, каде се наоѓаат и слтранските инвестиции, но и неколку поголеми штипски компании. Овој дел е најблиску до приклучокот, кој води кон кракот Неготино. За Општината е примарно општинските институции за добијат гас, со што би се намалиле сметките за струја. Оптимистичките најави се идната година Штип да биде делумно гасифициран.