Свет Европа Шолц во Нигерија бара алтернатива за рускиот гас за Германија

Шолц во Нигерија бара алтернатива за рускиот гас за Германија

„Германските компании се заинтересирани за испораки на гас од Нигерија и очекуваат соработка со нигериските компании за гас“, додаде тој

Фото: Michael Kappeler/dpa

Германија е заинтересирана за увоз на природен гас од Нигерија, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц во интервјуто објавено откако во неделата го напушти Берлин на патување во Западна Африка, пренесува германската новинска агенција ДПА.

„Нигерија ги има најголемите резерви на гас во Африка“, изјави тој за нигерискиот дневен весник Д Панч.

„Германските компании се заинтересирани за испораки на гас од Нигерија и очекуваат соработка со нигериските компании за гас“, додаде тој.

Германија во моментов увезува огромни количини на сурова нафта од Нигерија, но не увезува гас.

За време на првата посета во Африка лани, Шолц го понуди германското учество во отворањето на гасоводни полиња долж брегот на Сенегал.

Ова е третата посета на Шолц на Африка за помалку од две години. Покрај посетата на Нигерија, тој ќе отпатува и во Гана.

Германскиот канцелар започна да посветува значително поголемо внимание на Африка од претходните германски лидери во обид да ги прошири меѓународните односи на Германија, но и да ја намали зависноста од одредени нации.

Оваа лекција Германија ја научи откога Русија ја нападна Украина и кога ги намали испораките на гас за Германија, која што пак беше зависна во голем дел од евтиниот увоз на руски гас.