Спорт Шефот на УЕФА, Платини, добил понуда да се кандидира за претседател на...

Шефот на УЕФА, Платини, добил понуда да се кандидира за претседател на ФИФА

Претседателот на УЕФА, Мишел Платини, бил замолен од мнозинството шефови на светските фудбалски организации да се кандидира за нов претседател на Светската фубдалска организација ФИФА, јавува Радиото 5 на „Би-Би-Си“.

Според информациите, на Платини му била гарантирана поддршката од неговата конфедерација, од Азиската, Јужна Америка и од Северна и Централна Америка и Карибите.

Сега, како што јавува „Би-Би-Си“, само му останува на Платини да одлучи околу понудата.

Денеска ФИФА објави дека вонредните избори за претседател на светската фудбалска организација ќе се одржат на 26 февруари следната година.

Досегашниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, на изборите на 29 мај годинава, го доби петтиот мандат да ја води организацијата, но по четири дена си поднесе оставка поради истрагите за корупција во ФИФА, што ги почнаа Федералното истражно биро на САД (ФБИ) и швајцарските истражни органи.