Галерија „Шарената револуција“: Не ви се плашиме, секој ден сме сè побројни

„Шарената револуција“: Не ви се плашиме, секој ден сме сè побројни

Исмаил Малиќи, еден од 26 демонстранти кому денеска му беше поднесена кривична пријава, на вечерашниот протест порача дека и покрај пријавите, притисоците и заканите, учесниците на протестите на „Шарената револуција“ не се плашат од власта.

– Не ви се плашиме, секој ден сме сè побројни и еден ден ќе бидеме горди на ова што го правиме – рече Малиќи пред Собранието.

Поранешната министерка за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски, му упати порака на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека е готово без разлика дали гатачката го предупредила на тоа или не.

– Булеварот пред Влада ќе го носи името на „Шарената револуција“ – порача Ташевска-Ременски.

Демонстрантите не беа спречени од дождот да ја бојадисаат зградата на Собранието, а претходно и да влезат во фонтаната на споменикот „Воин на коњ“, каде што ги обоија постаментот на споменикот и лавовите.

Претходно тие ја бојадисаа и зградата на Владата.

Вечерва тие протестираа против работата на полицијата за приватни интереси, а мотото на протестот беше „Кривиот пишува кривични“.