Македонија Шаќири: Темелни реформи во образованието како единствен начин да се доближиме до...

Шаќири: Темелни реформи во образованието како единствен начин да се доближиме до посакуваните стандарди

Според министерот, наставните програми од Концепцијата за основно образование поттикнуваат глобална свест, промовираат еднаквост, интеркултурализам и активно граѓанство, а практично доближување до европските вредности се реализира преку програмата Еразмус+

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Да имаме европско образование дома не е само барање што ни го наметнува членството во ЕУ. Тоа е потреба на нашите ученици, студенти и сите други што формално и неформално стекнуваат знаења и вештини и се вклучени во нивно обезбедување. Во свет што е високо интегриран, такво треба да биде и образованието, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панел-дискусијата насловена „Младински перспективи: Подобрување на квалитетот на македонското образование преку интеграцијата во ЕУ“, што вчера се одржа во Скопје.

„Ние и сега и отсекогаш сме дел од Европа. Тоа е водилката што стои зад сé што како Министерство за образование и наука работевме изминативе години во делот на градењето квалитетно образование и приближувањето до глобалните образовни стандарди“, истакна Шаќири, додавајќи дека единствен начин да се приближи квалитетот на домашното образование до посакуваните стандарди е тоа темелно да се реформира.

Промените во основното образование, посочи тој, се прават со вклучување на бројни чинители – наставници, стручни и научни авторитети, граѓански асоцијации, родители и ученици.

„Зад Концепцијата за основно образование стои и Светска банка како и други релевантни меѓународни организации. Етапно ја реализираме, преку нови наставни програми, вложување во обуки на наставниот кадар и подобрување на инфраструктурните капацитети. Наша цел е учениците да стекнуваат применливи знаења, да научат критички да мислат и да решаваат проблеми, зошто основното образование има значајна улога во подготовката на учениците за иднината во Европа“, изјави Шаќири.

Според министерот, наставните програми поттикнуваат глобална свест, промовираат еднаквост, интеркултурализам и активно граѓанство, а практично доближување до европските вредности се реализира преку програмата Еразмус+ и проектите во рамки на транснационалната размена на искуства, во кои основните училишта имаат можност да се вклучат.

Шаќири кажа и дека средното стручно образование е исклучително успешна европско-македонска приказна, каде користиме помош од повеќе партнерски земји, особено од Швајцарија и Германија во развивањето ан моделот на дуално образование.

„Низ насочено теоретско и практично образование во реална производствена средина, средношколците стекнуваат употребливи знаења, вештини и способности и се баран кадар од домашните но и од интернационалните компании во зоните, иако, со подеднаква успешност, можат и да продолжат со академско образование“, истакна министерот Шаќири.

Тој говореше и за високото образование, и рече дека постулат е автономијата на универзитетите и академската слобода. Шаќири вели дека од година во година расте бројот на факултети со меѓународна акредитација што реализираат квалитетни студиски програми и се под контрола на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Министерот кажа дека стратешка цел на Министерството за образование и наука е јакнење на европските перспективи за сегашните и идните генерации млади, сé до нивно и формално интегрирање во ЕУ.