Економија Сериозна градежна патна и железничка инфраструктура најавува Анѓушев за 2019

Сериозна градежна патна и железничка инфраструктура најавува Анѓушев за 2019

Во организација на Канцеларијата на премиерот се одржа неформална предновогодишна средба и дружба на економскиот тим министри во Владата со претседателите на стопанските комори и претставници на бизнис-секторот.

Во рамките на оваа средба, вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев стави акцент на плановите за четирите клучни области, индустријата, трговијата, градежништвото и земјоделството кои имаат сериозно учество во севкупниот раст на бруто домашниот производ.

„Покрај автопатот Кичево – Охрид кој ќе продолжи да се гради, се градат експресните патишта, Штип – Радовиш, се гради Штип – Кочани, се гради излезот кај Куманово кон Крива Паланка, се гради излезот од Градско кон Прилеп, ќе се гради Скопје – Блаце. Ова се проекти од една груба бројка, од над една и пол милијарда евра заедно со железницата од втората фаза, којашто сега се тендерираше и сега е во фаза на евалуација, далекуводот од Македонија кон Албанија во вредност од 50 милиони евра кој е проектиран, а ќе се распише во јануари. Преку Законот за енергетика ќе се отвори простор за инсталација на 200 мегавати фотоволтаици кои ќе бидат распишани во две фази, првата ќе биде во првиот квартал во 2019“, соопшти Анѓушев.

Тој посочи дека со овие активности кои што се во тек, во 2019 започнува еден сериозен градежен процес на патна, железничка и енергетска инфраструктура кој на месечно ниво се очекува да има реализација од околу 50 до 60 милиони евра што ќе го подигне градежништвото на ниво на кое заедно со приватните градби ќе генерира раст.