Македонија Се заканувал преку телефон на вработените во амбасадата на Косово

Се заканувал преку телефон на вработените во амбасадата на Косово

Тој се јавил од мобилен телефон на службениот телефон во дипломатското претставништво и се заканил дека ако не биде примен на итна средба, ќе ја нападне амбасадата и вработените, соопшти обвинителството

Фото: Мета.мк

Засега неименуван маж стана предмет на обработка од Основното јавно обвинителство Скопје, поради закани што преку телефон ги упатил до вработените во амбасадата на Косово во Скопје. Станува збор за кривично дело – Загрозување на сигурноста според член 144 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

На 6 ноември, осомничениот упатил сериозна закана дека ќе нападне повеќе службени лица, вработени во амбасадата, предизвикувајќи чувство на несигурност, загрозеност и страв. Тој се јавил од мобилен телефон на службениот телефон во дипломатското претставништво и се заканил дека ако не биде примен на итна средба, ќе ја нападне амбасадата и вработените, соопшти обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за повеќе мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа, забрана за посетување на Амбасадата на Република Косово, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со амбасадорот и со други службени лица вработени во амбасадата.