Подглавна секција Се одложи судењето за пожарот во тетовската модуларна болница

Се одложи судењето за пожарот во тетовската модуларна болница

Фото: Фисник Џелили/Порталб

Судењето за пожарот во тетовската Модуларна ковид болница, кој се случи пред безмалку една година, требаше да почне денеска, но беше одложено поради отсуство на двајца од обвинетите, пишува „Порталб“.

Првото рочиште беше одложено за 14 октомври. Отсуствуваа поранешниот економски директор на Клиничката болница во Тетово, Артан Етеми и раководителот на ковид-центарот, Бобан Вучевски. Се појави само поранешниот директор на тетовската болница, Флорин Бесими.

По одлагањето на рочиштето, Бесими рече дека сѐ што има да каже за трагичниот настан, ќе го каже пред судот.

„Молам медиумите да го следат случајот. Јас лично верувам во судскиот систем и убеден сум дека вистината ќе се докаже. Молам за трпение додека почне судењето и фактите и аргументите ќе ја докажат вистината“, рече тој.

Пожарот во модуларната болница се случи на 8 септември 2021 кога 14 лица ги загубија животите. Основното јавно обвинителство Тетово, по повеќемесечна истрага на 27 јули 2022 до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице.