Македонија Се договара помошта на Скопје за Непал

Се договара помошта на Скопје за Непал

Во тек е состанок на службите на Град Скопје, на кој се договара околу евентуалната помош што градот на солидарноста ќе ја испрати за Непал, кој во саботата беше погоден од катастрофален земјотрес во кој животот го загубија повеќе од 3.000 луѓе, потврди за „Мета“ портпаролот на Град Скопје, Неделчо Крстевски.

Тој не можеше да соопшти повеќе информации за тоа како, кога и каков вид помош ќе достави Градот.

– Состанокот на кој службите разговараат за ова прашање е во тек и кога ќе има дефинтивни заклучоци, ќе ги соопштиме – ни рече Крстевски.

На 26 јули 1963 година, катастрофален земјотрес го погоди Скопје, во кој повеќе од 1.000 луѓе ги загубија животите, а повеќе од 3.000 беа повредени.

Скопската трагедија ги мобилизираше државите од целиот свет, кои се солидаризираа со скопјани и несебично помогнаа во надминувањето на последиците од катастрофата.

Во меѓувреме, односно по објавувањето на текстот на „Мета“, од Град Скопје информираа дека градоначалникот, Коце Трајановски, на наредната седница „ќе му предложи на Советот на Град Скопје да усвои одлука за испраќање парична помош во вредност од еден милион денари, по катастрофалниот земјотрес што го погоди Непал во саботата“.

Во соопштението се додава дека градоначалникот Трајановски испратил телеграма со сочувство за загинатите во земјотресот.