Македонија СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го прекршија Договорот од Пржино

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го прекршија Договорот од Пржино

Нашите оставки, како министри и дополнителни заменици министри, поднесени до техничкиот премиер од ВМРО-ДПМНЕ, не беа констатирани, спротивно на нашата волја, изјавија министрите и дополнителните заменици министри на прес-конференција.

– Денеска, Владата предводена од техничкиот премиер на ВМРО-ДПМНЕ направи ново прекршување на Договорот од Пржино. Донесе противзаконска одлука за поништување на сите правни акти на министрите, донесени пред поднесување на оставките. Со ваквата одлука, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги прават изборите невозможни бидејќи ова е техничка влада за спроведување на фер избори. Сите одлуки поврзани со изборите мора да бидат потврдени од опозицијата. Ова е директна потврда и доказ дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ немаат никаква намера да организираат регулатни, фер и демократски избори – изјавија министрите.

Функционерите од СДСМ велат дека ќе ја гарантираат безбедноста на граѓаните, ќе ги потпишуваат само документите поврзани со сигурноста на граѓаните, исплата на плата, пензија, социјална помош и на сè тоа што по Устав и по закон им следува на граѓаните.

– Ниедна одлука усвоена од оваа влада, која наместо регуларни има намера да спроведе криминални избори, нема да ја потпишеме и нема да ја спроведуваме. За излез од длабоката политичка криза во Македонија мора да има слободни, фер, демократски и регуларни избори – изјавија функционерите на опозицијата.