Главна секција СДСМ не ѝ ги дава прислушуваните материјали на Јанева сè додека не...

СДСМ не ѝ ги дава прислушуваните материјали на Јанева сè додека не се обезбедат услови за чување

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) нема да ѝ ги предаде на специјалната обвинителка Катица Јанева матeријалите од незаконското следење на комуникациите сè додека не се обезбедат соодветни услови за нивно чување и максимална заштита, соопшти вечерва на прес-конференција портпаролот на партијата, Петре Шилегов.

– Материјалите од незаконското следење на комуникациите се од исклучително сензитивна и доверлива природа и заради обезбедување и нивна максимална заштита, нема да пристапиме кон нивно предавање сè додека не се обезбедат услови материјалите да бидат соодветно и максимално обезбедени – рече Шилегов.

Според него, СДСМ не знаат дали се обезбедни таквите заштитни мерки бидејќи сè уште не бил донесен законот за јавнообвинителска служба.

– Соодветната заштита на материјалите подразбира соодветно 24-часовно обезбедување, кое ние не знаеме дали е обезбедено бидејќи сè уште не е донесен законот за јавнообвинителска служба. Укажуваме дека се работи за исклучително ниво на сензитивен и доверлив материјал со приватни разговори, а голем дел од нив веројатно содржат и информации класифицирани како службена или државна тајна и нивното евентуално губење, исчезнување, крaдење или појавување во јавноста би имало несогледливи последици за целокупниот понатамошен правен и политички процес – изјави Шилегов.

Барањето за предавање на материјалите што ги поседува СДСМ, Специјалното обвинителство го достави до партијата во понеделникот оваа недела.

„Она што, исто така, е значајно е дека во текот на денешниот ден, од лидерот на политичката партија СДСМ ќе биде побарано доставување на материјалите од незаконски следените комуникации, а кои ги поседуваат и за кои изразија подготвеност дека ќе ги достават на наше барање“, беше наведено во соопштението што во понеделникот неделава кабинетот на Јанева го достави до јавноста.