Економија СДСМ: Миноски лажел, јавниот долг е сè уште повеќе од 50 проценти

СДСМ: Миноски лажел, јавниот долг е сè уште повеќе од 50 проценти

Досегашната власт остава во наследство на граѓаните и на Република Македонија јавен долг поголем од 50 отсто од БДП, покажуваат вчера објавените податоци од извештајот на Министерството за финансии, за состојбата на јавниот долг заклучно со 31 декември 2016 година, реагираше денеска СДСМ.

„Тоа значи дека министерот за финансии во заминување, Кирил Миноски, во изборната кампања ги лажел граѓаните дека јавниот долг е намален за 1,4 отсто! Долгот е сè уште на критичното ниво над 50 отсто, како што предупредија и меѓународните финансиски институции. Граѓаните се тие кои ќе ги враќаат огромните долгови во милијарди евра, со камати, што ги направи досегашната неодговорна власт и тие имаат право да знаат колкав е јавниот долг на државата“, се вели во соопштението од СДСМ.

Партијата порачува дека новата влада „според мнозинската волја на граѓаните ќе води реални одговорни политики и посветено ќе работи на стабилизирање на нивото на јавниот долг“.

„Како што се обврзавме во „Планот за живот“, јавниот долг ќе мора да се објавува целосно и редовно, без исклучоци и политички калкулации. Криењето на јавниот долг ќе биде кривично дело. Сите кои правеле злоупотреби на парите на граѓаните ќе одговараат“, порачаа од СДСМ.