Македонија СДСМ ја обвинува ААВМУ дека минутажата за политички реклами на БЕСА незаконски...

СДСМ ја обвинува ААВМУ дека минутажата за политички реклами на БЕСА незаконски ја дава на ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката партија СДСМ ја обвинува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) дека минутажата за платено политичко рекламирање што треба да ја добие Движењето БЕСА незаконски ја дало на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска тврди дека директорот на ААВМУ Зоран Трајчески не го почитува законот и известувањето на ДИК за распределба на медиумскиот простор за двете најголеми опозициски партии.

– Иако во описот се вели дека 6 минути им припаѓаат на двете најголеми опозициски партии, кои на последните избори за пратеници имаат освоено повеќе гласови, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги им наредува на медиумите да ги распределат сите 6 минути единствено на ВМРО-ДПМНЕ. Во ваков случај на Движењето Беса кое е во коалиција со СДСМ му се нанесува штета. Агенцијата под контрола на ВМРО-ДПМНЕ го игнорираше обраќањето на ДИК до Движењето БЕСА да изготви план за медиумско претставување и тоа не ја спречи агенцијата да издаде наредби спротивно на Изборниот Законик – изјави портпаролката на СДСМ.

Таа тврди дека ВМРО-ДПМНЕ е навикната да ги контролира медиумите и сиот простор да го земаат за нив, а со тоа ризикуваат да го загрозат демократскиот изборен процес којшто уште не е започнат.

Од ААВМУ пак уште пред три дена излегоа со соопштение, во кое тврдат дека Движењето БЕСА врши притисок врз агенцијата.

– Во Изборниот законик е точно утврдено дека право на изборна кампања имаат само учесниците во изборната кампања, а тоа се листи на кандидати за избор на пратеници кои се потврдени од Државната изборна комисија. Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) обезбедуваат време за платено политичко рекламирање само за овие учесници – се вели во соопштението на АВМУ.

Оттаму тврдат дека ДИК ја има потврдено листата на кандидати за изборите, според која Движењето Беса е дел од Коалицијата Можеме. Бидејќи оваа партија не настапува самостојно, таа може да добие време за платено политичко рекламирање само и исклучиво во минутите наменети за споменатата Коалиција, велат од ААВМУ. Од ААВМУ напоменуваат дека ќе продолжат да постапуваат професионално и законски.

Сепак, од ААВМУ засега нема објаснување зошто времето што било предвидено за двете најголеми политички партии во опозицијата и е распределено единствено на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“.

Според усвоеното Упатство за лимитите за платено политичко рекламирање за изборите во 2020 година, од вкупно 14 минути на реален час, максимум 6 минути платено политичко емитување ќе можат да емитуваат владејачките партии, Коалицијата Можеме, предводена од СДСМ, како и ДУИ, додека преостанатите 6 минути достапни кај радиодифузерите ќе може да ги искористи Коалицијата „Обнова за Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Останатите 2 минути се наменети за помалите политички партии.