Македонија СДСМ денеска со централен митинг во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ во Струмица

СДСМ денеска со централен митинг во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ во Струмица

Денеска, точно шест дена пред изборите на 11 декември, политичките партии продолжуваат со митинзите и со средбите со граѓани на кои ги претставуваат своите изборни програми.

Во 18 часот во Скопје, на булеварот Илинден, пред зградата на Владата, централен митинг ќе одржат Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Коалицијата за живот во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија денеска во 17.30 ќе одржи митинг во Радовиш, а централниот е закажан во Струмица, со почеток во 20 часот.

Во хотелот „Холидеј ин“, во Скопје, Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе организира конференција за економија, на која партијата ќе претстави дел од својата програма за економски развој и еднаквост. На конференцијата, како што е најавено, ќе говорат Фатмир Бесими од секретаријатот за економија на ДУИ и носителите на листи на партијата.

Демократската партија на Албанците (ДПА) во 16.30 часот ќе одржи средба со граѓаните во општината Чаир, во Скопје.

Коалицијата Алијанса за Албанците денеска ќе има митинзи во Центар Жупа, во 18 часот, и во Дебар, еден час подоцна.

Коалицијата за промени и правда денеска ќе има средби со граѓаните во Кавадарци и во Неготино, на кои ќе се обратат лидерот на Демократскиот сојуз и носител на листа во првата изборна единица, Павле Трајанов, носителот на листа во четвртата изборна единица, Слободан Богоевски, и носителот на листа на коалицијата во втората изборна единица, Јове Кекеновски.