Македонија СДСМ: Демократските процеси продолжуваат, граѓаните да останат смирени

СДСМ: Демократските процеси продолжуваат, граѓаните да останат смирени

Демократските процеси продолжуваат по легитимниот избор на нов претседател на Собранието на Република Македонија, порачаа од СДСМ во редовното утринско соопштение, а по вчерашните случувања и по насилството во Собранието, во кое беа повредени неколку пратеници, меѓу кои и лидерот на партијата, Зоран Заев.

„Домашната и меѓународната јавност гласно ја поддржаа деблокадата на Собранието. Исто така, јасно ја испратија пораката на режимот во распаѓање дека ова е неговиот крај, дека мора да се повлече пред мнозинската волја на повеќе од 700.000 граѓани“, стои во соопштението.

Оттаму повторно нагласуваат дека врвен приоритет за граѓаните и за државата е да се реализира до крај волјата на граѓаните изразена на веродостојни избори преку брз трансфер на власта, во согласност со Уставот, деловникот и со законите во Република Македонија.

Од партијата ги повикуваат институциите да ги преземат сите потребни мерки за заштита на државните и граѓанските интереси.

„Насилството врз легитимни претставници на граѓаните во Собранието и врз законодавниот дом е резултат на политиките на конфликт, омраза, поделби, поттикнување немири, политиките на Никола Груевски, поддржани од Ѓорге Иванов и од Трајко Вељаноски и тоа не смее да се повтори. Ќе одговараат за загрозување животи сите кои учествуваа во вечерашното насилство во Собранието, како и за сите други злодела нарачани и спроведени од раководството на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.

Оттаму ги повикуваат граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на режирани сценарија со кои, како што стои во соопштението, Никола Груевски и тесната криминална група околу него сакаат да испровоцираат нестабилност, затоа што во тоа гледаат сопствен спас од одговорноста.

„Во Република Македонија е направен огромен исчекор напред во демократските процеси. Избран е нов претседател на Собранието, а во периодот што претстои процесите ќе продолжат со конечно реализирање на мнозинската волја на граѓаните“, порачуваат од партијата.