Главна секција СДСМ бара на итна седница да бидат констатирани оставките на министрите

СДСМ бара на итна седница да бидат констатирани оставките на министрите

Координаторот на пратеничката група на СДСМ побара од техничкиот премиер за спроведување на изборите, Емил Димитриев, да ги достави оставките на функционерите на опозицијата до Собранието.

– Министрите и дополнителните заменици министри на опозицијата денеска си поднесоа оставки и сакам јавно да го повикам премиерот Емил Димитриев итно да ги достави оставките до ова Собрание. Имаме и барање за итна седница во согласност со Уставот на Република Македонија, на која ќе бидат констатирани оставките – рече Сугарески.

Тој рече и дека во меѓувреме до Собранието ќе пристигне допис дека законите за кои денеска се води расправа, а се предложени од опозицијата, ќе бидат повлечени.

За вечерва во 19 часот најавено беше и обраќање на лидерот на СДСМ, но по само неколку минути тоа беше одложено.

„Ве ивестуваме дека најавеното обраќање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за денеска во 19 часот се одложува. Дополнително ќе ве известиме за времето кога ќе се обрати претседателот Заев пред јавноста“, пишува во соопштението.