Подглавна секција Само една жена меѓу 11 раководители на сектори во Тетово, во кампањата...

Само една жена меѓу 11 раководители на сектори во Тетово, во кампањата Касами вети 6

фото: Фисник Џелили / Порталб.мк

Едно од предизборните ветувања на сегашниот градоначалник на општина Тетово беше, во областа на родовата еднаквост меѓу мажите и жените во раководствотo што ќе се ангажира во секторите, 6 од 11 да бидат жени, но денес, година дена откако тој е на функција, само еден сектор во општината се раководи од жена, пишува Порталб.мк.

Прашан на 14 октомври минатата година за тоа колку од 11-те сектори ќе бидат раководени од жени доколку тој дојде на чело на општината, Касани во #Дебатперниме изјави вака:

„Мнозинство ќе бидат жени, 6 од 11“.

Ова ветување останува неисполнето.

Го прашавме Касами зошто не го одржал ова ветување и неговиот одговор гласи вака:

„Раководител на правниот сектор е жена. Во моментов е една, но во иднина секако дека ќе има и повеќе.“

Општина Тетово има вкупно десет сектори, а заедно со територијалната противпожарна единица се единаесет.

Притоа, имињата на актуелните раководители на сектори, од кои, како што дознаваме, дел се вршители на должност, ги нема ниту на интернет-страницата на општината.

Инаку, политичките партии во нивните предизборни кампањи ветуваат унапредување на родовата еднаквост, но во пракса ретко прават видливи напори за реализирање на таквите ветувања. Конкретен резултат е недостатокот на жени во собрание, на министерски позиции, заменици-министриградоначалници и многу други.

Родовата еднаквост во Северна Македонија се гарантира и со Устав. Притоа, последниот извештај на Европската Комисија наведе низа критики за нашата земја во оваа област.