Македонија Сали, Чупи и Алити заминуваат од министерските позиции

Сали, Чупи и Алити заминуваат од министерските позиции

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Беким Сали, Адмирим Алити и Џемаил Чупи заминуваат од министерските позиции во Министерството за здравство, за информатичко општество и администрација, како и од министерската позиција без ресор за дијаспора. За разрешување на Сали гласаа 65 пратеници од присутни 105, без воздржани или против, додека за разрешување на Алити и Чупи имаше по 64 гласа „за“ и по еден „против“.

Оваа собраниска седница за разрешување и именување нови членови во Владата започна пред десет дена, а разрешувањето беше првата точка. Следува втората точка, а тоа е дискусија и избор на нови владини членови.

По разрешувањето на министрите, треба се пополнат овие места, заедно со оние на поранешните министри за правда Никола Тупанчески и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Новите министри кои треба да се изберат на нивно место се: Кренар Лога од Алијанса за Албанците како министер за правда; Фатмир Меџити од Алијанса за Албанците како министер за здравство; Азир Алиу од Алијанса за Албанците како министер за информатичко општество и администрација и Каја Шукова од СДСМ како министерка за животна средина и просторно планирање.