Свет Балкан САД со порака до косовските лидери: Немојте да упропастите

САД со порака до косовските лидери: Немојте да упропастите

Амбасадорката Трејси Ен Џејкобсон им ја пренесе пораката на косовските лидери

Амбасадорот на САД во Приштина, Трејси Ен Џејкобсон, денеска го прекрши дипломатскиот протокол за да го изрази незадовлството на САД од косовските политичари кои не можат да се договарат за формирање нова влада.

Џејкобсон во дебатата во седиштето на невладината организација „Фољ“ во Приштина, на албански јазик рече „Немојте да упропастите“.

– Пораката што ја упатив до сите лидери, можам да ви ја повторам: не смеевте да ја доведете земјата до оваа состојба – рече Џејкобсон.

Амбасадорката на САД ги повика лидерите на Косово да го почитуваат повикот на претседателката Атифете Јахјага за заеднички состанок заради наоѓање прифатливо решение.

Таа додаде дека евентуални нови избори не се добро решение за состојбата во Косово.

– Не ги гледам изборите како вистинско решение бидејќи не мислам оти ќе се промени состојбата – рече Џејкобсон.

Таа апелираше што побрзо да се формираат институциите за да се напредува во исполнувањето на обврските што Косово ги презема кон меѓународната заедница.