Подглавна секција САД бомбардираше две складишта со муниција во Сирија како одговор на напади...

САД бомбардираше две складишта со муниција во Сирија како одговор на напади на американски бази

Нападот беше одговор на напади на американски бази во Сирија и Ирак од странa на паравоени формации поддржани од Иран - САД категорично тврди дека нивниот напад не е поврзан со Израел-Хамас

Фото: Official Navy Page from United States of AmericaMass Communication Specialist 3r/U.S. Navy, Public domain, via Wikimedia Commons

САД утрово лансираше воздушен напад на две складишта за муниција и оружја во Сирија. Овој напад следи по низата напади од страна на паравоени формации поддржани од Иран и од Иранската револуционерна гарда на американски бази во Сирија и Ирак, известува Асошиејтед прес.

Од САД тврдат дека нападот е одговор на нападите на американските бази и дека не е поврзано со војната меѓу Израел и Хамас.

„Овие напади во самоодбрана беа наменети исклучиво за заштита и одбрана на американскиот персонал во Ирак и Сирија. Тие се одвоени од тековниот конфликт меѓу Израел и Хамас и не претставуваат промена во нашиот пристап кон конфликтот Израел-Хамас. Продолжуваме да ги повикуваме сите државни и недржавни субјекти да не преземаат активности кои би прераснале во поширок регионален конфликт“, изјави министерот за одбрана Лојд Остин.

Администрацијата на Бајден го нема обвинето Иран за директно учество во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври и рече дека досега изгледа оти Техеран претходно не бил свесен за тоа. Но, САД забележаа дека Иран долго време го поддржува Хамас и изрази загриженост дека Иран и неговите сојузници би можеле да го претворат конфликтот во поширока војна.

„Моето предупредување до Ајатолахот беше дека ако продолжат да ги напаѓаат нашите војници, ние ќе одговориме, а тој треба да биде подготвен. Нема никаква врска со Израел“, објасни Џо Бајден во однос на тоа што му пренел на Ајатолахот на Иран во ретка директна порака до него.

Министерот за надворешни работи на Иран Хосеин Амирабдолахијан, пак, изјави во Обединетите нации дека ако продолжи насилството кон Палестинците и Америка ќе страда.

„Искрено им велам на американските функционери, кои сега управуваат со геноцидот во Палестина, дека не го поздравуваме проширувањето на војната во регионот. Но, ако продолжи геноцидот во Газа, тие нема да бидат поштедени“, изјави тој пред Генералното собрание на ОН.

Амирабдолахијан исто рече дека Хамас го известил Иран дека се подготвени да ослободат заложници, ако Израел ослободи 6.000 палестински затвореници.