Визуелизации Сѐ уште се возиме по илјадници километри локални патишта од земја и...

Сѐ уште се возиме по илјадници километри локални патишта од земја и макадам (инфографик)

И во дваесет и првиот век, постојат стотици патишта во земјава по кои граѓаните сѐ уште возат по земја и макадам. Асфалт, бетон или коцка како коловоз имаат само 62,6 отсто од македонските патишта. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2018 година имало 4.191 километар земјени и непросечени патишта, додека на 1.251 километар се возело по макадам.

Станува збор првенствено за споредни патишта од локално значење, кои водат до руралните населени места низ општините во земјава. И покрај тоа што по нив сообраќаат незначителен број на возила, во статистичките податоци тие заземаат значајно место. Од вкупно 14.559 километри патишта низ земјава, на дури 5.442 километри не се вози по асфалт.

Дека состојбата со патната инфраструктура не е сјајна во нашата земја, не покажува единствено видот на коловозот на патните правци. До крајот на 2018 година, само 287 километри од патиштата во земјава биле издигнати на ниво на автопат. „Мета.мк“ веќе ги објави податоците за 10 – те најфреквентни патишта низ земјава, кои покажуваат дека три од делниците на кои имало најмногу сообраќај во 2017 година не се проширени во автопатски профил.