fbpx

На три од десетте најфреквентни патни правци во Македонија нема автопат (инфографик)

-

И покрај тоа што се вложуваат стотици милиони евра во изградба на патната инфраструктура, македонските граѓани ја немаат можноста да патуваат по автопат или експресен пат на најфреквентните правци. Државата моментално гради два автопати (Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип) и четири експресни патишта (Ранковце – Крива Паланка, Градско – Прилеп, Штип – Кочани и Штип – Радовиш), но ниту едниот, ниту другиот, не се на најфреквентните делници во земјава.

Според податоците за просечниот годишен дневен сообраќај (ПГДС) на ЈП „Македонија – пат“ за 2017 година, најмногу возила биле регистрирани на автопатот од наплатната рампа Петровец до клучката Хиподром – во просек по 16.099 возила дневно. На 5 – то и 6 – то место на листата на најфреквентни правци се наоѓаат патиштата Подмоље – Струга со 10.766 возила и Подмоље – Охрид со 10.346 возила дневно, но овие секции не се издигнати на профил на автопат. На 9 – то место се наоѓа патот Охрид – Пештани, кој во 2017 година имал просечна фреквенција од 8.914 возила дневно.

За надминување на преоптовареноста на овие три делници веќе неколку години наназад се ветуваат два проекти – изградбата на автопатот Требеништа – Струга и експресниот пат Охрид – Пештани. Министерството за транспорт и врски во јануари 2018 година одлучи да ја запре реализацијата на двата проекти, по сериозните критики искажани во извештајот на УНЕСКО. Во меѓувреме, на Охрид и на Охридското езеро повторно им се заканува опасноста да се најдат на листата на загрозено светско наследство, но засега не е пронајдена алтернатива за решавање на сообраќајното оптеретување на овие два патни правци.

Од друга страна, државата во моментов инвестира во патишта кои имаат многу помала фреквенција на возила. На патниот правец Велес – Штип, којшто е единствена алтернативна врска на автопатот Миладиновци – Штип, во 2017 година бил регистриран ПГДС од 6.000 возила. На патот Штип – Радовиш, каде во моментов се гради нов експресен пат, во 2017 година имало само 4.422 возила дневно. Идентична е и состојбата со патот меѓу Градско и Прилеп, каде што се гради експресен пат иако мерењата од пред 2 години покажуваат просечна фреквенција од околу 4.600 возила дневно. Воедно, на патот Страцин – Крива Паланка бројачите на ЈП „Македонија – пат“ регистрирале 3.831 возило дневно, но ова не било пречка да се пристапи кон изградба на експресен пат на овој дел од паневропскиот Коридор 8.

Податоците за просечниот годишен дневен сообраќај во развиените земји претставуваат значаен фактор што ја прикажува оправданоста и исплатливоста за реализација на конкретен проект од патната инфраструктура. Врз основа на овие бројки, властите одлучуваат дали треба да се пристапи кон реконструкција на постојниот пат или истиот би се проширил и надградил во експресен пат или автопат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...