Свет Европа Руската агресија го намали украинскиот бруто домашен производ за 30,4 отсто во...

Руската агресија го намали украинскиот бруто домашен производ за 30,4 отсто во 2022 година

Бомбардирање на трговски центар во Кијив; Извор: Укринформ, фотографии од украинските официјални власти

Воената агресија на Русија врз Украина минатата година доведе до намалување од дури 30,4 отсто на бруто домашниот производ (БДП) на Украина, пренесува весникот Гардијан. Станува збор за најголем пад на БДП-то на оваа земја во изминатиов тридецениски период на самостојност на Украина, изјави украинската министерка за економија Јулија Свидиренко.

Министерката додава дека руската воена агресија предизвикала најголеми загуби за украинската економија од распадот на СССР, иако падот на БДП-то е помал од првично очекуваниот.

„Успесите на украинските одбранбени сили на фронтот, координираната работа на владата и бизнис секторот, нераскинливиот дух на населението и брзината на обнова на оштетените критични инфраструктурни објекти, како и системската финансиска поддршка од меѓународните донатори нѝ овозможија да издржиме на економскиот фронт и да продолжиме со нашето движење кон победа“, рече украинската министерка Свириденко.

Пред почетокот на руската воена агресија, Украина во 2021 година имаше раст на БДП-то од 3,4 отсто.

За исклучително тешката ситуација во Украина како последица на руската воена агресија, говорат и украинските податоци за бројот на внатрешно раселени лица. Министерството за социјална политика на Украина објави дека во моментов има 4,9 милиони внатрешно раселени лица, што е за 3,5 милиони бегалци повеќе во споредба со периодот од пред почетокот на руската агресија на 24 февруари 2022 година, јавува Укринформ.

Над 1,8 милиони бегалци добиле поддршка од украинската држава за сместување во други региони, а од украинскиот буџет досега биле издвоени над 57 милијарди украински гривни за да се покријат ваквите трошоци за внатрешно раселените лица.

Воената агресија на Русија врз Украина досега предизвикала смрт на 452 деца, додека во руските напади се повредени 877 деца во периодот од 24 февруари минатата година до денес, пренесува Укринформ. Податоците на украинското јавно обвинителство се дека 1.329 деца досега биле подложни на страдање како последица на воената агресија.

Инаку, украинските власти информираат дека Русија изминатово деноноќие извршила седум ракетни напади, 18 воздушни напади и 85 напади од ракетни системи со повеќекратно полнење врз цивилна инфраструктура во градовите Краматорск, Херсон и Запорижја, пренесува Гардијан. Во нападите има цивилни жртви, па така само во Донецкиот регион изминатово деноноќие биле убиени двајца цивили како резултат на руските воени дејствија.