Свет Европа Русија смислено гранатира енергетски објекти, уништени 30 отсто од украинските електрани

Русија смислено гранатира енергетски објекти, уништени 30 отсто од украинските електрани

Извор на фотографија: Укринформ

Украинските власти информираат дека за само една недела Русија оштетила над 400 инфраструктурни објекти низ целата земја. Од руското ракетирање се погодени 408 цели, од кои 45 се енергетски објекти, а над 180 се цивилни згради, јавува Гардијан.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер напиша дека руското ракетирање од 10 октомври до денес уништило 30 отсто од електраните во Украина, предизвикувајќи масовни прекини на електрична енергија низ целата земја. Тој ги нарече ваквите чекори на Русија „уште еден вид терористички напади“.

Кијивскиот градоначалник Виталиј Кличко објави дека само утрово во украинскиот главен град загинале најмалку три лица при ракетен напад на објект од критичната инфраструктура на Кијив, пренесува Укринформ. Енергетска инфраструктура и далноводи се погодени и во градовите Днипро и Житомир. Населби од западниот дел на Кијив се без електрична енергија, при што без струја и вода е оставен и градот Житомир.

Британското министерство за одбрана денеска соопшти дека, покрај нападите со беспилотни летала, Русија ја поминала изминатата недела користејќи крстосувачки ракети за да оствари „засилено темпо на удари со долг дострел врз цели низ Украина“.

„Бидејќи Русија претрпе неуспеси на бојното поле од август, многу веројатно се стекна со поголема подготвеност да напаѓа цивилна инфраструктура покрај украинските воени цели“, соопшти британското Министерство за одбрана.

Инаку, Русија досега негираше дека гранатира цивилна инфраструктура во Украина, но денеска соопшти дека нејзините сили продолжуваат со напади врз воена, но и енергетска инфраструктура, пренесува Гардијан.