Свет Европа Русија се повлекува од градот Херсон кон левиот брег на реката Днипро

Русија се повлекува од градот Херсон кон левиот брег на реката Днипро

Извор на фотографија: Укринформ

Руската војска доби наредба од министерот за одбрана Сергеј Шојгу за повлекување од градот Херсон и од сите други населени места лоцирани на десниот брег од реката Днипро, пренесуваат светските медиуми. Би-би-си пишува дека рускиот генерал Сергеј Суровикин изјавил оти повеќе не се во можност да го снабдуваат градот и во вакви услови најдобра опција е да се организира одбрана долж брегот на реката Днипро.

Во меѓувреме, Би-би-си ги пренесува и информациите на руските медиуми дека прорускиот заменик-лидер на Херсонскиот регион, Кирил Стремоусов загинал во сообраќајна несреќа. Укринформ ги пренесува информациите на украинските власти, во кои се вели дека руската војска ги крева во воздух сите мостови лоцирани на десната страна на реката Днипро. Досега се уништени мостовите на реките Даривка и Тјахунка, како и мостот на излезот од градот Снихуривка кон Херсон, мостот во Новокаиру и мостот во Милове.

Гардијан јавува дека повлекувањето на руските сили од десната страна на реката Днипро доаѓа само неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека има жестоки судири на јужната линија на фронтот, додека украинските сили ослободија неколку населени места од десната страна на реката Днипро.