Подглавна секција Русија и Кина ја блокираа резолуцијата на САД за итен прекин на...

Русија и Кина ја блокираа резолуцијата на САД за итен прекин на огнот во Газа

Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција ќе работи на нова резолуција на ОН која повикува на прекин на огнот во Газа

фото: Седиштето на ОН во Женева / John Samuel, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Нацрт-резолуцијата на САД за прекин на огнот во Газа не помина на Советот за безбедност на САД. Гласањето заврши со 11 гласа „за“, три „против“ и еден воздржан, јави Би-би-си.

Русија и Кина ставија вето на резолуцијата што го врзуваше итниот прекин на огнот во Газа со ослободувањето на заложниците што ги држеше Хамас.

Против нацртот гласаше и Алжир, додека Гвајана гласаше воздржано.

Американскиот претставник во Советот за безбедност на ОН, Линда Томас-Гринфилд, рече дека Русија и Кина не сакале да гласаат за резолуцијата предложена од САД, затоа што попрво би сакале „САД да пропаднат“.

„Русија уште еднаш ја става политиката над напредокот“, кажа Томас-Гринфилд.

Амбасадорот на Русија во Советот за безбедност, Василиј Небенза, ги обвини САД дека не прават ништо за да го „зауздат“ Израел во Газа и дека со резолуцијата „ќе се обезбеди неказнивост на Израел“.

Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција ќе работи на нова резолуција на ОН која повикува на прекин на огнот во Газа. Говорејќи на крајот од самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, Макрон кажа дека Франција ќе продолжи со работа врз основа на француската нацрт-резолуција во Советот за безбедност и ќе работи со американските, европските и арапски партнери за да се постигне договор.

„Советот за безбедност мора да повика на итен прекин на огнот и хуманитарен пристап“, додаде Макрон.