Свет Европа Русија губи на фронтот, но со камикази дронови и ракетирања напаѓа украински...

Русија губи на фронтот, но со камикази дронови и ракетирања напаѓа украински градови

Извор на фотографија: Укринформ

Три нови населени места во Херсонскиот регион се ослободени од украинските сили во изминатово деноноќие, информираат украинските власти. Станува збор за Нововоскресенске, Новохрухоривка и Петропавливка, пренесува Укринформ. Ослободени се територии во длабочина од над 10 километри, а проруските власти и понатаму тврдат дека потегот е „тактичко“ повлекување на војската, пишува Гардијан.

И додека Русија губи на фронтот, за што воените експерти посочуваат дека е поради огромните загуби на воен персонал и опрема во изминатиов период, нападите врз градовите под украинска контрола продолжуваат со несмалено темпо.

Градот Запорижја изминатава ноќ и утрово беше мета на ракетни напади од руската војска, при што беа погодени станбени згради и локации во централното градско подрачје, пренесува Гардијан. Најмалку две лица загинаа во уништена станбена зграда во Запорижја, а се верува дека под урнатините има уште најмалку пет заробени лица.

Покрај ракетирањето на градови, руската војска почна да користи и камикази дронови што напаѓаат населени места. Укринформ јавува за нови напади од ирански дронови на населени места во регионите Миколаив и Одеса, при што украинската противвоздушна одбрана успеала да сруши шест вакви дрона во изминатово деноноќие.

Украинските власти информираат дека изминатово деноноќие под ракетен напад бил и регионот Хмелницки во централниот дел на Украина, но од експлозиите нема повредени и загинати лица, пренесува Укринформ.