Свет Балкан РСС организира обука за медиумско известување за тероризам и екстремизам

РСС организира обука за медиумско известување за тероризам и екстремизам

Медиумско известување за терористички акти или акти на насилен екстремизам, е тема на работилница што започна денеска во Будва, Црна Гора, соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС).

Повеќе новинари од медиуми од регионот на Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија, учествуваат на работилницата што ја изведуваат регионални и меѓународни експерти од оваа област, вклучувајќи го и феноменот на социјалните медиуми и радикализацијата преку интернет.

– Тероризмот, според статистичките податоци претставува најсмртоносна закана во 21-от век, а медиумите често се во средиштето на ова прашање и често се споменуваат како „врзно ткиво“ за сензација и паника, бидејќи терористичките напади често се внимателно осмислени за да предизвикаат внимание на електронските медиуми и на светскиот печат – изјави Амер Капетановиќ, шеф на Политичкиот оддел на РСС, на отворањето на настанот.

Новинарите кои учествуваат на работилницата имаат сесии  „Улогата на медиумите во известување за тероризам“, „Социјалните медиуми и тероризмот, вклучувајќи ја и  радикализацијата на интернет: ново виртуелно бојно поле“, како и „Улогата на пристапот со кој е опфатено целото општество – (и) како да се изградат делотворни контрааргументи на радикализацијата и насилниот екстремизам“.

Настанот е во организација на Регионалниот совет за соработка (РСС), а домаќин е Министерството за внатрешни работи на Црна Гора.

РСС е оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј полноправен член и основач е и Република Македонија.