Македонија Рот: Доколку ги спроведете реформите, Германија ќе ве поддржи во евроинтеграциите

Рот: Доколку ги спроведете реформите, Германија ќе ве поддржи во евроинтеграциите

На Македонија ѝ е потребно помирување и реформи и важно е тие да бидат спроведени во интерес на државата и на нејзиниот народ, бидејќи иднината на Македонија е во ЕУ, изјави државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, на заедничката прес-конфернеција со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

– Првите чекори на Владата се во вистинска насока, но потребно е и опозицијата да се вклучи во процесот на нивното спроведување за да се напредува на патот на евроинтеграциите, а за тоа ја имате поддршката од Германија – изјави Рот.

Одговарајќи на новинарско прашање, Рот истакна дека доколку се испорачаат резултати во однос на бараните реформи, како и во однос на градењето на односите со соседите, тогаш Германија ќе биде обврзана да испорача од своја страна.

– Новата Влада воведе мноштво мерки кои треба да создадат повторно доверба, меѓу другото, и со Грција, но и со Бугарија. Сметам дека тоа е вистинскиот правец. Сигурен сум дека македонската Влада и понатаму ќе работи на намалување на тензиите и на градењето доверба. Доколку се пружи раката за дијалог, и јас имам очекување од другата страна тие партнери да ја прифатат пружената рака. Никој надвор од Македонија и надвор од Грција не го разбира спорот кој е комплетно апсурден. Мислам дека треба да оставиме историјата да си остане историја и да одиме кон заедничка иднина. Германија е подготвена, доколку тоа се побара, да даде поддршка во тој правец. Но, навистина ги ценам сигналите што во моментов се праќаат одовде. Тогаш и ние сме обврзани да ја поддржиме Македонија. Кога велам ние, не мислам само на Германија, туку и на целата ЕУ. За да се почнат пристапни преговори, потребен е консензус – рече Рот.

Министерот Димитров, пак, запрашан за договорот за добрососедство со Бугарија, рече дека сè уште е рано да се објават детали од договорот и дека соопштувањето на прецизни формулации може да влијае на консултациите.

– Она што можам да го кажам е дека и македонската страна и бугарската страна се раководеа од начелото „ако те уништам тебе, ќе се уништам и себе“. Базата за компромис што ја постигнавме е добра основа да се потпише текст што и ние и Бугарија со горда и исправена глава ќе го потпишеме. Тоа беше целта и мислам дека двете делегации ги напуштија преговорите со чувство дека во рамките на околностите направивме максимум – изјави Димитров.