Македонија Рот: Договорот за името доказ дека е можно да се надминат и...

Рот: Договорот за името доказ дека е можно да се надминат и длабоките разлики

Историскиот договор меѓу Грција и Македонија за спорот со името покажа дека е можно да се надминат и длабоките билатерални разлики, доколку се зголеми довербата и постои политичка волја, нагласи денеска државниот секретар во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот.

Тој во соопштение, пред учеството на состанокот со шефовите на дипломатиите на самитот ЕУ-Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес во Лондон, нагласи дека стабилноста и демократскиот развој на земјите во регионот е во интерес како на Германија, така и на Европа, како и дека се од особено значење за сопствената безбедност.

– Состанокот е можност за земјите во регионот да ја подобрат регионалната соработка и со тоа да го поттикнат своето приближување до ЕУ – нагласи Рот.

Тој истакна дека со цел постигнување на раст на довербата, не само меѓу политичарите, туку и меѓу граѓаните, германската Влада ја поддржува работата на регионалната младинска заедница во рамки на Берлинскиот процес.

– Тука станува збор за помирување на идните генерации во регионот во кој раните од војните и натаму се присутни – рече Рот.